По два неуспешни обиди за пронаоѓање на најповолен понудувач, Електрани на Македонија денеска го распиша третиот по ред тендер за довршување на изградбата на „класицистичката“ зграда на компанијата, лоцирана спроти хотелот „Бристол“ во Скопје. За доградба на новото административно здание е предвидено да се потрошат 171.223.000 денари, односно околу 2,8 милиони евра без вклучен ДДВ. На изведувачот ќе му биде отстапен период од шест месеци за реализација на неопходните градежни и градежно – занаетчиски работи. Отворањето на пристигнатите понуди од заинтересираните градежни компании е закажано за 30 декември.
Со предвидениот иден договор, вкупната вредност на овој објект ќе достигне над 17,4 милиони евра. Станува збор за објект со површина од 9.130 метри квадратни, распространет на приземје, осум ката и поткровје. Зградата се гради врз основа на победничкото идејно решение на авторите Лазар Димов, Жарко Чаушевски и Стефан Смилевски. Проектната документација ја изготви „Неимар Инженеринг“ од Скопје, додека досегашната изведба на објектот ја реализираше австриската фирма „Штрабаг АГ“.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk