Денеска официјално беше отворен новиот пешачки натпатник преку автопатот Скопје – Петровец, што ги поврзува населбите Хиподром и Инџиково во општина Гази Баба. Инфраструктурниот објект кој овозможува непречено движење на пешаци, велосипедисти и на лица со посебни потреби е изграден од челична конструкција со бетонски столбови. Натпатникот е долг 63 метри, широк 5,4 метри, додека површината за движење е широка 3,1 метри. По неговата должина е поставена ограда висока 2 метри. За пристап кон натпатникот од двете страни се изведени пешачки патеки со ширина од 3 метри, поплочени со павер елементи.
За одведување на атмосферските води од натпатникот е изведена атмосферска канализација со две ревизиони шахти и попивателен бунар. Изведено е и осветлување кое се состои од 12 канделабри. Градот Скопје за овој проект издвои околу 38 милиони денари. Изградбата започна во март годинава, а градежните работи ги изведуваше фирмата „Бауер БГ“ од Скопје.
На денешниот официјален настан присуствуваа скопскиот градоначалник Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Гази Баба Тони Трајковски и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.