Претходна статија
Ново училиште со современ архитектонски израз ќе се гради во Капиштец
Следна статија
Системот за наводнување „Дебарско Поле“ пред реконструкција

Животна средина без бариери во просторот

Објавено на 03.12.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Денеска е 3-ти декември, Меѓународен ден на лицата со инвалидност. По повод одбележувањето на овој датум, повторно изникнува прашањето за потешкотиите со кои се соочуваат овие лица во живеењето во животна средина со бројни бариери во просторот. И покрај тоа што постои адекватна литература, во нашата земја концептот за пристапност, кој се темели врз идејата за создавање на простор без бариери, е нов и во голема мера неразвиен. Како нација која има голем и евидентен недостаток на свест по ова прашање, во обликувањето на нашата средина ние мораме да создадеме простор кој на сите категории на граѓани би им овозможил еднаков пристап без разлика на возраста, моторните и когнитивните способности.

 

 

 

Едно од ретките дела на оваа тема во земјава е „ПРИСТАПНОСТ: прирачник за обезбедување непречен пристап до отворените простори и до објектите“ на Влатко Коробар. Поаѓајќи од изнесените податоци во овој труд, во продолжение следуваат основните елементи на кои би требало да се осврнеме во обликувањето на просторот за обезбедување на животна средина без бариери за лицата со инвалидност. Тие се однесуваат првенствено на изведбата на тротоари и патеки, рампи, паркирање, транспорт, влезовите во објектите, скалите, лифтовите, тоалетите и други составни содржини на зградите.

 

 

Тротоари и патеки

Тротоарите и патеките треба да имаат минимална широчина од 150см со што би се обезбедил и простор за свртување. Нашите тротоари не само што не ги исполнуваат овие критериуми, туку секојдневно може да сретнеме нови улици со многу мали тротоари, како и тротоари што служат како паркинг и на кои нема простор никој да помине, а камо ли лицата со хендикеп.

 

 

 

Рампи

Различни стандарди определуваат различни должини на рампата после која треба да има одморалиште. И кај истите треба да се направи заштитна ограда. Рампите исто така би требало да ги има и на пешачките премини, со што би се овозможило непречено учество во сообраќајот. Кај нас, нив можеме најчесто да ги сретнеме кај новите објекти, но сепак голем број на јавни објекти воопшто немаат вакви рампи. Таков е случајот со факултетите и со многу јавни институции, со што им се ограничува пристапот на овие лица и нивното учество во социјалната средина.

 

 

Паркирање

Во согласност со нашите стандарди, најмалку 3% од паркиралишните места треба да имаат пристапност за лицата со посебни потреби. Овие места треба да бидат лоцирани во непосредна близина на влезот и да бидат поврзани со пристапна патека. Кај нас, иако истите ги има, постепено се заземени од несовесни граѓани кои никој не ги санкционира.

 

 

Транспорт 

Кога станува збор за транспортот и самата пристапност до истиот, новите автобуси во Скопје имаат места наменети за лицата со хендикеп и исто така рампи кои се спуштаат за да можат лицата полесно да влезат. Исто така, Градот Скопје нуди организиран превоз на ученици и студенти од дома до школо и назад. Останува за понатаму да се спроведе уште поголема организираност на транспортот и уредување на автобуските постојки во иднина.

 

 

 

 

Кога станува збор за внатрешните простори, треба да внимаваме на:

 

Влезовите

Да имаме барем еден влез кој е поврзан со пристапна патека. Влезовите да бидат доволно големи, а вратите да се отвораат автоматски или пак со минимален напор.

 

 

Скали и лифтови

Височината на скалникот треба да се движи помеѓу 15 и 17см, а ширината од 29 до 33см. Скалите треба да имаат ограда и двоен ракохват. А за лицата кои не можат да се движат по скали, треба да бидат обезбедени лифтови и платформи. Вакви лифтови може да сретнеме на факултетите, болниците, како и на неодамна реконструираната железничката станица во Скопје.

 

 

 

Тоалети

Во рамките на тоалетите треба да има барем една кабина приспособена за користење од страна на лицата со посебни потреби. Вакви тоалети се повеќе застапени во институциите и новите градби, како што се трговски центри и другите јавни места, но не и на факултетите и образовните институции, каде што истите се многу поретко застапени.

 

 

Лицата со сензорен хендикеп

Слепите и слабовидните, како и лицата со оштетен слух, имаат потреба од посебни сензорни уредувања на просторот. За лицата со оштетен слух кои се потпираат само на видот, потребни се посебни светлечки знаци и ознаки кои се поставени близу до влезовите на објектите, кои треба да бидат и добро осветлени. За лицата со оштетен вид, потребни се тактилни индикатори во форма на поплочени патеки кои не се лизгаат, како и најразлични звучни сигнали.

 

 

 

Ова се само мал дел од елементите кои би требало да се земаат во предвид кога архитектите ги проектираат јавните простори. Но забелешката не останува само за нив, туку се префрла и на поединци и институции кај кои е лоцирана одредена моќ, како што се на пример, локалните самоуправи кои ги градат патеките и тротоарите во македонските градови. Ова е уште еден апел до сите креатори на јавните простори, како и до сите луѓе. Ако ги срушиме просторните бариери, ќе исчезнат и социјалните. Затоа, да побараме животна средина без бариери во просторот за лицата со инвалидност!

 

 

 

Деспина Ковачевска