Претходна статија
На Пониква ќе се градат викендички
Следна статија
Животна средина без бариери во просторот

Ново училиште со современ архитектонски израз ќе се гради во Капиштец

Објавено на 03.12.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Откако беше реализиран проектот за изградба на детска градинка, Општина Центар во населбата Капиштец ја започна изградбата на ново основно училиште во кое ќе следат настава 500 ученици. Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски денес најави дека процесот за изградба на училиштето ќе стартува од 10 декември, и тоа со рушење на постоечките бараки на парцелата помеѓу улиците Васил Ѓорѓов и Адам Мицкијевиќ.

 

 

 

Авангардното здание со површина од 3.142 метри квадратни ќе се гради врз основа на изработеното идејно решение на авторите Бесиан Мехмети, Стефан Атанасовски, Никола Кунгуловски и Арменд Хебипи, кои победија на архитектонскиот Конкурс организиран во декември 2013 година, во конкуренција на 21 доставени трудови.

 

 

 

„Проектот е изработен со цел да ги задоволи сите стандарди за современо образование. Училиштето ќе биде изградено со примена на современ архитектонски израз и високо-квалитетни материјали. Ќе се учи преку интерактивни табли, учениците ќе поседуваат таблети, поврзани со безжична интернет мрежа. Кабинетите ќе бидат опремени со најсовремена опрема, неопходна за квалитетно образование на децата. Греењето ќе биде подно и во секоја училница ќе има спроведено вода“, истакна градоначалникот Жерновски.

 

 

 

Првиот човек на оваа општина додаде дека ќе се обезбеди соодветен пристап за лица со посебни потреби до и во внатрешноста на објектот, ќе се изведат подземни премини до училиштето, а планирано е и да се оформи заштитна тампон зона меѓу влезот на училиштето и околните сообраќајници.

 

 

 

Идниот современ објект на основното училиште ќе се гради според соодветно паркинг решение за вработените и родителите на децата. Шематскиот урбанизам е зацртано да ја отвори можноста за оформување на т.н. зелена маса, вклучувајќи ја и изведбата на ботаничка градина во училиштето.

 

 

 

За реализација на овој капитален проект се обезбедени финансиски средства од буџетот на Општина Центар за 2016 година. Министерството за транспорт и врски во изминатиов период ја префрли оваа парцела со површина од 10.600 метри квадратни во сопственост на Општина Центар, така што се создадени сите предуслови за изградба на новото здание.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk