Првите девет месеци од 2015 година донесоа позитивни финансиски резултати од работењето на градежната компанија „Бетон“ од Скопје. Во периодот јануари – септември 2015 година „Бетон“ остварил добивка во висина од 57.019.610 денари, што е за 35,61% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Во консолидираниот биланс на успех, кој го вклучува и работењето на Бетон-Про ДОО, Бетон-Каменолом ДОО и Бетон-Рудник ДОО, е прикажана добивка од 57.339.493 денари.
Остварените вкупни приходи во изминативе три квартали од 2015 година изнесуваат 1.934.743.445 денари, и во споредба со остварените за истиот период лани се повисоки за 2,68%. Консолидираните вкупни приходи заклучно со 30.09.2015 година се во висина од 1.963.696.711 денари. Вкупните расходи изнесуваат 1.877.723.835 денари и во однос на остварените во истиот период од 2014 година се зголемени за 1,92%. Консолидираните вкупни расходи во овој временски период изнесуваат 1.906.357.218 денари.
Скопски „Бетон“ во изминативе девет месеци инвестирал 14.123.558 денари во основни средства. Вкупните обврски по краткорочни кредити на компанијата се 275.892.030 денари, додека пак обврските по долгорочни кредити изнесуваат 101.480.648 денари. Компанијата во периодот јануари – септември реализирала дополнителни 87 нови вработувања.