Паркот „Кино Карпош“ е првата зелена површина на територијата на населбата Дебар Маало. Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски денеска го пушти во употреба новиот парк со површина од 500 метри квадратни. „Овој парк ми е особено драг, бидејќи од постоењето на Дебар Маало досега немало вакво зелено катче. Паркот е со специјален концепт. Овдека наместо зграда, посадивме дрвја и поставивме зеленило, бидејќи сакаме да го хуманизираме Дебар Маало“, изјави Жерновски.
*Извор на фотографии: Општина Центар
На јавниот простор се посадени 15 дрвја од листопадни, цветни јапонски цреши, од типот “Prinus serrulata Kanzan”. Засадени се исто така и жолто-зелени грмушки “Aukuba Japonica” и “Nandina Domestica Nana”, кои менуваат бои во различните годишни времиња. За возбудливиот пејсаж што ќе го овозможува паркот треба да придонесат и кониферната грмушка “Taxus Baccata”, зимзелените растенија “Photinia Fraseri Red Robin” и жолти кониферни покривачи “Juniperus Media Old Gold”.
На целиот простор е инсталиран автоматски систем за наводнување на зеленилото и е поставена урбана опрема за оддишка на жителите од околните згради. Градоначалникот Жерновски најави дека ќе продолжи со зазеленување на Дебар Маало. Следен проект за реализација е изградбата на комбинирано детско и спортско игралиште на улицата „Славка Недиќ“. На оваа локација ќе биде задржана постоечката вегетација, но ќе се реконструира кошаркарскиот терен и летниковецот.