Ако сакате да патувате со воз до некоја дестинација во Македонија, размислете два пати и потоа распрашајте се за возниот ред на железничките станици. И покрај тоа што е законски должна да го одржува годишниот возен ред и да ги информира патниците за евентуалните измени во поаѓањата на возовите, одговорните од Македонски железници тоа не го прават. Веќе една недела е блокирана пругата од Велес кон Битола и не сообраќаат предвидените возови, при што на веб страниците на МЖ – Транспорт и МЖ – Инфраструктура не постои соодветно известување за патниците. Според неофицијални информации, на релацијата од Скопје до Битола и претходно не сообраќаа сите четири патнички возови во текот на едно деноноќие.
Покрај прекинот на сообраќај на релацијата кон Битола, веќе подолг временски период е укинат утринскиот воз од Скопје кон Кичево, додека возовите кон Гевгелија сообраќаат во согласност со дневната бројка на бегалци што пристигнуваат на македонско – грчката граница. Во моментов единствено без проблем се движат меѓународните возови кон Грција, Србија и Косово, за кои Македонски железници се има обврзано во европски рамки да го одржува меѓуграничниот железнички сообраќај. Наспроти ваквата ситуација на неопслужување на линиите во земјава, веб страниците на двете државни претпријатија функционираат како сè да е во најдобар ред.
И покрај тоа што е должна да го објави, МЖ – Инфраструктура на официјалната интернет страница во моментов погрешно ги информира своите корисници со објавениот возен ред од 2014 година. Од друга страна, ако ја отворите веб страницата на МЖ – Транспорт, ќе забележите дека не постои патнички воз што привремено не сообраќа. Колку за потсетување, во едно деноноќие од Скопје до Велес би требало да сообраќаат 12 пара возови, до Битола четири пара, додека до Кичево со возниот ред се предвидени два пара возови. Главната причина за лошата организација на железницата е огромниот прилив на бегалци од Блискиот исток, за кои секојдневно се организираат вонредни возови од јужната граница со Грција кон нашиот северен сосед.
Возниот ред за сообраќање на патничките возови се изработува еднаш годишно и се објавува во јавноста секој декември за годината што следува. Навременото известување на патниците и исклучувањето на можноста за создавање на непријатни ситуации е една од причините поради кои со закон јасно се одредува под кои услови и во каква постапка може да се промени возниот ред во текот на годината.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk