Претходна статија
Почнува реализацијата на системот за наводнување Равен - Речица
Следна статија
По осум години ветувања, конечно стартува проектот „АРМ - мој вистински дом“

Екологистите и граѓаните против изградба на туристичко развојна зона кај Градиште

Објавено на 30.10.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Еколошките организации и граѓаните во изминативе два дена жестоко реагираат против најавата за изградба на туристичко развојна зона кај автокампот Градиште во Охрид. Дел од нив реагираат поради опасноста од уништување на биодиверзитетот на овој недопрен дел од Охридското езеро, додека други си ја бараат назад сопственоста на земјиштето која е предмет на денационализација. Од охридската граѓанска иницијатива „Ohrid SOS“ истакнуваат дека нема да дозволат уништување на природата и езерото, поддржувајќи го барањето на граѓаните за да им се врати земјиштето на жителите од селото Пештани.

 

 

 

„Најавата дека на атрактивниот простор кај автокампот Градиште ќе се формира туристичко развојна зона ги изненади жителите на Пештани кои со години водат спор со државата за враќање на нивните имоти во Градиште, кои се наоѓаат токму на местото каде е предвидено да се гради комплексот“, посочуваат од оваа граѓанска иницијатива. Станува збор за 115 семејства кои повеќе од една деценија се обидуваат од државата да си го вратат земјиштето од своите предци, а за кои државата се обидува да им исплати минимално обесштетување на кое тие се противат. Сите овие фамилии се обединети во Здружение на граѓани „Градиште“.

 

Реакциите од граѓаните и од еколошките организации следат по објавувањето на Нацрт-извештајот за стратегиска оценка врз животната средина за урбанистичко-планската документација што се однесува на туристичко развојната зона Градиште. Од целокупното земјиште е предвидено да се оформи градежна парцела од 114.156,35 метри квадратни, кое на домашните и странски инвеститори би им се понудило по цена од 61 денари за метар квадратен. На атрактивната локација би се изградил комплекс од хотели, комерцијални, деловни и угостителски објекти со приземје, пет ката и поткровје. За сиот овој проект е неопходно допрва да се изработи Студија за оценка на влијанието врз животната средина и елаборат за заштита на животната средина.

 

Во изминативе неколку месеци, активна е меѓународната петиција за заштита на Охридското езеро и на Националниот парк „Галичица“ од уништување поради најавите за изградба на туристичко развојни зони, луксузна населба, експресен пат и скијачки центар на потегот од Охрид кон Свети Наум. Електронската петиција, која досега ја потпишаа над 11.800 лица од земјава и од странство, ќе биде доставена директно до премиерот Никола Груевски, до охридскиот градоначалник Никола Бакрачески и до директорот на Националниот парк „Галичица“.