Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски денеска ја пушти во употреба новата зграда на градинката „Кочо Рацин“ во скопската населба Капиштец [»мапа]. На свечениот настан присуствуваа претседателот на СДСМ Зоран Заев, амбасадори, советници и голем број на граѓани. По повеќе од 40 години, централното градско подрачје добива нов објект за сместување на дечиња, кој воедно претставува најголема и најсовремена градинка на територијата на целата земја.
* Извор на фотографии: Општина Центар
Во објектот беа вложени 2 милиони евра, обезбедени исклучиво од локалниот буџет на Општина Центар. Градинката „Кочо Рацин“ има површина од 2.800 метри квадратни и е за три и пол пати поголема од некогашниот, руиниран објект изграден пред 51 година. Модерното здание има капацитет да прими 250 дечиња.
„Градинката ќе биде втор, нов дом за Вас, децата, топло, убаво и функционално место. При изградбата се користени врвни и долготрајни материјали и се запазени сите светски критериуми за изградба на ваков објект“, истакна градоначалникот Андреј Жерновски.
Градинката „Кочо Рацин“ е единствениот јавен објект со винил облога, која е анти-алергена, со подно греење, со 11 занимални за деца, модерна кујна според ХАЦЦП стандардите, тоалети и простории за одмор.
Новиот објект во населбата Капиштец ги задоволува најстрогите мерки за енергетска ефикасност и потребите за звучна изолација на просториите. Ентериерното уредување фасадното обликување е решено со примена на широк спектар на разиграни бои, како што прилега на намената на објектот. Изградбата е завршена за само една година од почетокот на градежните работи на терен. Изведувач беше градежната фирма „Гранит“ од Скопје.