Покрај веќе планираните три туристичко развојни зони кај селото Љубаништа, македонската влада одлучила да гради уште една туристичко развојна зона кај популарниот автокамп Градиште. Во непосредна близина на населеното место Пештани, треба да има огромен комплекс со хотели, комерцијални, деловни и угостителски објекти со приземје, пет ката и поткровје. Власта планира од целокупното земјиште да оформи градежна парцела со површина од 114.156,35 метри квадратни, која подоцна ќе ја продава на електронско јавно наддавање по цена од само 61 денари за метар квадратен.
За изградба на туристичко развојната зона Градиште веќе е изработен Нацрт- извештај за стратегиска оценка врз животната средина за урбанистичко-планска документација, која денеска беше објавена на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски. Покрај изработената урбанистичко-планска документација, во наредниот период треба да се решаваат имотно-правните односи за оваа примамлива локација. Дел од крајбрежното земјиште е во сопственост на приватни лица од охридскиот регион, кои долги години се обидуваат да си го повратат земјиштето од државата по пат на денационализација.
Изготвениот Нацрт-извештај во позитивно светло ја фрла најавената изградба на туристичкиот комплекс, посочувајќи дека најголемо негативно влијание може да има врз биодиверзитетот на овој локалитет. „На поширокото подрачје се очекува дека дел од растителниот и животинскиот свет ќе се редуцира, но бидејќи не станува збор за ендемични и ретки видови биодиверзитет, не претставува нарушување од големи размери“, се наведува во првичната верзија од документот. Истовремено, во Нацрт-извештајот се посочуваат 17 негативни последици, кои наводно ќе произлегле од неизградбата на туристичко развојната зона Градиште. Меѓу нив, изготвувачот проценил дека ќе се испуштела можноста за економски-одржлив развој и промоцијата на локацијата како атрактивна туристичка дестинација.
Во претстојниот период треба да се изработи финалната верзија од Извештајот за стратегиска оценка врз животната средина за урбанистичко-планската документација. По ова, треба да следува изборот на компанија што ќе ја изготви Студијата за оценка на влијанието врз животната средина и елаборатот за заштита на животната средина за туристичко-развојната зона Градиште.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk