Претходна статија
Кој сака да гради туристичко развојна зона кај автокампот Градиште?
Следна статија
Реновирана киносала и нова опрема за Кинотека на Македонија

Косово го гради, Македонија го заборави автопатот Скопје – Приштина

Објавено на 26.10.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По 15 месеци градежни работи, косовскиот премиер Иса Мустафа ја пушти во употреба првата делница од автопатот „Арбен Џафери“, со кој ќе се скрати времето на патување меѓу Приштина и Скопје. Првите километри од автопатското поврзување се протегаат на рамничарски предел, почнувајќи од косовскиот главен град кон Урошевац. На периферијата на Приштина, на оваа делница е изградена голема клучка што ќе ги поврзува автопатите „Арбен Џафери“ и „Ибрахим Ругова“.

 

* Извор на фотографија: Министерство за инфраструктура на Р.Косово

 

 

Американско – турскиот конзорциум „Бехтел – Енка“ во претстојниот период ќе продолжи со реализацијата на трасата кон Урошевац, а потоа и со пробивање на делницата низ Качаничката клисура. Автопатот од Приштина до граничниот премин „Блаце“ во должина од 60 километри треба да се заврши најдоцна до 2018 година, за што Косово обезбеди финансиски средства во висина од 820 милиони евра. Меѓу најзначајните објекти на автопатот, проектната документација предвидува изградба на тунел кај Качаник во должина од 2,2 километри.

 

И додека косовската страна интензивно го гради автопатот кон Скопје, за македонската влада не претставува приоритет автопатското поврзување со Приштина. Надлежното Министерство за транспорт и врски уште во текот на минатата година требаше да распише меѓународен повик за избор на приватен концесионер што ќе инвестира во делницата од Скопје до граничниот премин „Блаце“. И покрај ваквите најави, до денешен ден не е објавена постапката за избор на приватна компанија, иако требаше во текот на годинава да се знае името на инвеститорот што ќе вложи и во иднина ќе управува со оваа автопатска делница.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk