За прв пат по повеќе години, Македонија лани увезла повеќе енергија отколку што произвела во домашните енергетски капацитети. На нашата земја и се заканува енергетски колонијализам, барем ако се земат фрапантните податоци на Државниот завод за статистика. Вкупното бруто – примарно производство на енергија во Република Македонија во текот на 2014 година изнесувало 1.262.577 toe (тони нафтен еквивалент), односно само 48% од вкупно потребната енергија. Тоа значи дека најголемиот дел од неопходната енергија, односно 52% е увезена од странство, што претставува вносен бизнис за одредени компании во земјава. Статистичарите пресметале дека вкупната потребна енергија за минатата година изнесувала 2.628.453 toe.
Драматичниот пораст на увозот на енергија од странски пазари може да се согледа преку споредување на податоците од претходните години. Македонските енергетски објекти во 2013 година произвеле 1.373.408 тони нафтен еквивалент, а во 2012 година 1.517.777 тони нафтен еквивалент. Овој негативен тренд кај домашното производство на енергија се одвива во ситуација кога вкупната потребна енергија по жител и финалната потрошена енергија во домаќинствата по жител во земјава останала идентична со 2013 година.
Во Државниот завод за статистика пресметале дека најголеми финални потрошувачи на енергија во 2014 година биле сообраќајот со 30,5%, индустријата со 28,9% и домаќинствата со 25,5% од вкупната потрошувачка.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk