По повод Светскиот ден на Белиот стап, американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли и премиерот Никола Груевски денеска ја пуштија во употреба новата зграда на Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во скопската општина Кисела Вода. Објектот со површина од 463 метри квадратни е во вредност од 363.000 долари и истиот е финансиран од Европската команда на Армијата на САД. Учениците добија современо здание, опремено со сите помошни и нагледни средства. Движењето низ училишната зграда ќе им биде олеснето на лицата со оштетен вид, бидејќи таа е опремена со дактилни патеки.
* Извор на фотографија: Влада на Р.М.
Амбасадорот на САД, Бејли истакна дека покрај овој објект, во тек е уште еден проект на УСАИД во соработка со ЈИЕ Универзитетот за подобрување на условите за образование на лицата со оштетен вид во пет региони од државата, вклучувајќи го училиштето „Димитар Влахов“.