Во рамки на проектот „Договори за работа како поддршка за процесот за унапредување на активностите и услугите на Агенцијата за вработување на Република Македонија“ финансиран од ИПА програмата на Европската унија, денеска во Виница министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и претставникот на делегацијата на ЕУ во Македонија Мауро Ди Вероли извршија обиколка на Центарот за вработување, кој се реновира заедно со Центарот за дневен престој на децата.
„Со средства од ИПА програмата на ЕУ го промовираме почетокот на третата фаза од целосната реконструкција на центрите за вработување и за социјална работа во Македонија. Преку овој проект со финансиски средства од 20 милиони евра ќе бидат реновирани 42 објекти кои се под Министерството за труд и социјална политика, од кои 18 центри за социјална работа, 12 дневни центри и 12 центри за вработување“, истакна министерот Спасов.
Овие центри, посочи тој, се наоѓаат во објекти стари и по 40 години, а со реконструктивниот зафат тие треба да овозможат услуги во согласност со европските стандарди. Сите објекти што се предмет на реконструкција треба да бидат пуштеви во употреба во текот на 2016 година.