По пауза од четири и пол години, Градот Скопје повторно се сети на булеварот Србија. Сообраќајницата ќе се реконструира и проширува на потегот од цементарницата „Усје“ до улицата Христо Татарчев (поранешна Сава Ковачевиќ). За таа цел градската администрација денеска распиша тендер за пронаоѓање компанија што ќе го реализира градежниот зафат. Станува збор за делница долга околу 600 метри, со која булеварот ќе биде целосно заокружан на ниво како што е вцртан во урбанистичките планови, но за која години наназад постоеја проблеми поради нерешени имотно – правни односи.
Планирана е изведба на четири коловозни ленти – по две ленти со широчина од по 3,5 метри во секој правец, без средишно зеленило. На самиот крај од трасата, на вкрстувањето со улицата Христо Татарчев, предвидено е да се изведе кружен тек. Неопходната проектна документација е веќе изработена. Последната фаза од реконструкцијата и проширувањето на булеварот „Србија“ е проценето дека ќе чини 2,3 милиони евра. Заинтересираните компании за учество во тендерската постапка треба да ги достават своите понуди најдоцна до 2 ноември.
Во претходната етапа од изградбата на булевар Србија, градските власти во април 2011 година ја пуштија во употреба делницта од булеварот Борис Трајковски (поранешна Првомајска) до цементарницата „Усје“ и проширениот дел почнувајќи од булеварот Видое Смилевски Бато.
» Форумска дискусија за булеварот „Србија“
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk