Се отвора ли можноста за изградба на катна гаража во скопската населба Карпош-1? Општина Карпош вчера продаде градежна парцела со површина од 1.193 метри квадратни наменета за објект од комуналната супраструктура. Според неофицијалните информации на „Билд“, најверојатно е дека на оваа локација ќе се гради катна гаража. Неизграденото градежно земјиште се наоѓа помеѓу улиците „Никола Тесла“ и „Орце Николов“, а маркичката е вцртана во неодамна донесениот ДУП за „Градска четврт З 08“ од страна на Советот на општина Карпош. Иако е неопходно да се објави за пошироката јавност, овој детален урбанистички план до денешен ден не е поставен на веб-страницата на општината.
Атрактивното земјиште на вчерашното електронско јавно наддавање е продадено по цена од 6.292 денари за метар квадратен. Покрај за обезбедување на паркинг – простор, вцртаната маркичка за идниот објект предвидува и компатибилни класи на намена – мали комерцијални и деловни намени, големи трговски единици, големи угостителски единици и деловни простори. Вкупната развиена површина на идниот објект ќе изнесува 4.932 метри квадратни, додека неговата висина ќе достигне 17 метри. Иако „Билд“ денеска достави прашања до Општина Карпош, од локалната самоуправа не беа заинтересирани да зборуваат на оваа тема.
Она што засега останува нејасно е името на идниот инвеститор на катната гаража што треба да се гради на оваа локација. Воедно, од Општина Карпош денеска не сакаа да одговорат што точно е предвидено да се гради на оваа парцела во Карпош-1, ниту пак да кажат од кои причини не е објавен Деталниот урбанистички план за „Градската четврт З 08“. Компанијата што планира да гради катна гаража на земјиштето треба во рок од девет месеци да обезбеди одобрение за градење од страна на локалната самоуправа.
Пред само неколку дена, на територијата на Општина Карпош се собираа потписи против донесувањето на ДУП-от за населбата Карпош-4. Негодувајќи поради најавите за уништување на зелените површини, граѓаните поведоа иницијатива за собирање на потписи за враќање на предложениот урбанистички план на јавна расправа. Жителите на оваа скопска населба се жалеа на фактот што во урбанистичкиот план се појавуваат парцели за изградба на паркинзи, станбени објекти и деловни објекти на местото на постоечкото зеленило.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk