Нова фабрика со површина од 15.000 метри квадратни доби велешката индустриска зона Караслари. Германската компанија „Маркарт“ („Marquardt GmbH”) денеска го отвори индустрискиот погон за производство на делови од автомобилската индустрија. За почеток, во него ќе се изработуваат делови за Мерцедес Бенз, но германците имаат склучено договори и со автомобилските компании Ауди, Порше, Фиат, БМВ и други. Досега во овој проект се инвестирани 25 милиони евра, а „Маркарт“ планира да вложи вкупно 35 милиони евра.
*Извор на фотографија: Влада на Р.М.
Во производствениот погон во моментов работат 170 лица, но вкупниот број на вработени се очекува во наредниот период да се искачи на 600. Фабриката почна да се гради во април 2014 година, а производството во неа стартуваше во јуни годинава. Ова е десетта фабрика на германската фирма „Маркарт“, која има над 8.800 вработени во девет земји. На денешното свечено отворање на погонот присуствуваа премиерот Никола Груевски и сопственикот на „Маркарт групацијата“ Харалд Маркарт, во придружба на владини и општински официјални лица.