Градот Скопје објави оглас за избор на градежна компанија што ќе го проширува булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во општина Чаир, на потегот од улицата „Џон Кенеди“ до улицата „Рокомија“, во должина од 600 метри. Градската власт проценува дека зафатот ќе чини околу 3,2 милиони евра. Сите заинтересирани компании за учество во градежните работи треба да ги достават своите понуди до 19 октомври.
Покрај на делот што е веќе изграден, градските власти во изминативе неколку месеци работеа на основен проект за инфраструктура за оваа сообраќајница, на делот од крстосницата со булеварот „Босна и Херцеговина“ до скопската обиколница. Со целосната реализација на идејата, булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ за граѓаните на општина Бутел ќе претставува алтернативна транспортна врска кон центарот на Скопје, односно ќе го олесни движењето кон улицата „Цветан Димов“ во Чаир. Реконструкцијата и проширувањето на првата фаза од оваа сообраќајница се оддолжува веќе неколку години наназад.