„Гранит“ ги привршува градежните работи на новиот објект на градинката „Кочо Рацин“ во скопската населба Капиштец. Инвестицијата на Општина Центар вредна 112 милиони денари треба да биде завршена до крајот на октомври годинава. Од локалната самоуправа информираат за врвните перформанси што ќе ги поседува новата зграда. Нејзината фасада е енергетски ефикасна, со тројна термичка заштита. Фасадниот ѕид ќе обезбеди максимална термо – акустична изолација. Изборот на боите, живи и колоритни, е во согласност со намената на објектот, како што прилега за најмладите.
При крај е опремувањето на кујната, која е современа, според ХАССП стандардите и ќе произведува 550 оброци дневно, за матичниот објект и двата клона. Плафонот е обложен со материјал кој го апсорбира нечистиот воздух и бактериите. Во просториите каде што ќе бидат сместени дечињата е изведено подно греење. Целата околина на градинката е партерно уредена, со почитување на веќе присутното зеленило. Објектот има бруто површина од 3.560 метри квадратни, во чии рамки се наоѓаат 11 занимални за деца. За прв пат по 40 години, Општина Центар добива нова градинка за сместување, грижа и воспитување на најмладите.