По две децении минати во изградба на бројни станбени објекти на мал простор, скопската населба Дебар Маало за првпат ќе добие парк. Општина Центар ќе зазелени површина од 500 метри квадратни на местото на поранешното „Кино Карпош“. Помеѓу новоизградените згради ќе се засадат 15 дрвја, зимзелени грмушки и седум други видови на растенија. „Просторот ќе го красат 15 листопадни, цветни јапонски цреши, со обем на стебло од 12-14 cm кои, кога цветаат, создаваат спектакуларен пејсаж. Под дрвјата ќе се засадат колоритни грмушки. Дел од нив, во текот на годината ја менуваат бојата, од светло зелена на пролет и лето, преку шарена во есен, до црвена на зиме“, велат од Општина Центар.
* Извор на фотографија: Општина Центар
Во паркот ќе биде поставен готов тревен бусен, додека за полевање на зеленилото е планирано да се инсталира автоматски систем за наводнување. Општина Центар планира да постави и пропратна урбана опрема на оваа локација.