По повеќе од четири години минати во натегања и одложувања на проектот, зонското паркирање во Тетово од вчера почна пробно да функционира. Пробниот период ќе значи паркирање на возилата со бесплатни СМС пораки во првата зона А, која ги опфаќа булеварите „Илирија“, „Илинденска“ и улицата „Маршал Тито“. И покрај бесплатниот тест-период, граѓаните на Тетово ќе мора да го почитуваат правилото за максимални три часа паркирање во зоната што го опфаќа централното градско подрачје. Ако се надмине пропишаното време за паркирање, од јавното претпријатие „Градски паркинг“ ќе им постават блокатори на возилата и ќе побараат интервенција на пајак службата.
По пробниот период на тестирање на зонското паркирање, во Тетово ќе се воспостави платено користење на оваа услуга во три зони, со вкупен капацитет од 909 паркинг места. Еден час паркирање во центарот на Тетово ќе чини 30 денари, во зоната Б истото ќе чини 20 денари, додека за паркирање во третата зона ќе се наплаќаат 15 денари за еден час. Наплатата од граѓаните ќе се одвива преку воспоставениот систем за електронска наплата, додека за санкционирање на неодговорните возачи се набавени блокатори за автомобили.