Германската компанија „ОДВ-Електрик“ денеска ја започна изградбата на новиот фабрички погон со површина од 10.000 метри квадратни во Технолошко-индустриската развојна зона во Струга. На поставувањето на камен-темелникот присуствуваше и македонскиот премиер Никола Груевски. Во погонот ќе се произведуваат електрични инсталации за познати автомобилски брендови, а инвеститорот очекува дека ќе се вработат 1.000 лица.
Пред да започне со изградбата на нова фабрика во ТИРЗ Струга, „ОДВ-Електрик“ работеше во Охрид во постоечка хала како браунфилд инвестиција. За адаптација и опремување на нивниот тогашен погон беа вложени 600.000 евра. Германскиот инвеститор во новиот индустриски објект ќе инвестира 15 милиони евра. Рокот за изградба на фабриката е јуни 2016 година.