Компанијата од Дубаи „Епл Ленд“ (Apple Land) денеска го отвори новиот откупно – дистрибутивен центар за јаболка кај локалитетот Макази близу Ресен. Оваа инвестиција во висина од 5 милиони евра вклучува ладилник со капацитет од 5.000 тони јаболка, кои ќе можат да се чуваат и до 10 месеци, без притоа да се наруши нивниот квалитет и класа. Од откупниот центар ќе се извезуваат јаболка во Русија и на Блискиот Исток и барем делумно ќе се реши проблемот со откупот на јаболката во преспанскиот регион, а се очекуваат и 100 нови работни места.
* Извор на фотографија: општина Ресен
Во наредната година е предвидено да се реализира и надградба на проектот, така што ќе се достигне вкупниот планиран капацитет од 10.000 тони јаболка што ќе се откупуваат од земјоделците во преспанскиот регион. Сопственикот на компанијата „Епл Ленд“, Абдошамак Насер најавува нови инвестиции во Македонија, првенствено во изградбата на сточарска фарма и извоз на охридски цреши.
Изградбата на откупно – дистрибутивниот центар за јаболка во Ресен започна кон крајот на февруари 2014 година. Пред да ја стартува реализацијата на објектот, инвеститорот од Дубаи за околу 70 илјади евра во ноември 2013 година купи градежна парцела со површина од 61.433 метри квадратни.