Во скопската општина Шуто Оризари денес беше поставен камен-темелник на нова спортска сала. Инвестицијата е во вредност од 35 милиони денари и е дел од владиниот проект за изградба на спортски сали низ македонските општини. Објектот ќе има површина од 1.435 метри квадратни и трибина со 400 седишта, а предвидени се три влеза, од кои еден главен и два споредни за публиката. Салата ќе има паркинг простор, санитарни јазли, гардероби за судиите и играчите, како и соба за реквизити и друга помошна опрема.
Премиерот Никола Груевски денеска го посети местото на кое ќе се гради спортскиот објект. „Салата која ќе ја изградиме во Шуто Оризари ќе биде репрезентативен спортски објект подготвен за многу спортови и опремен со најмодерни реквизити. Првпат по подолго време оваа општина ќе добие современи услови за спортување и развивање на спортските таленти на најмладите. За една година, кога ќе биде готова салата, заедно со повеќенаменското спортско игралиште кое веќе го изградивме, Владата ќе има вложено повеќе од 42 милиони денари само во областа на спортот за граѓаните на оваа општина“, изјави Груевски.