Претходна статија
Тече процесот на реконструкција на 11 железнички станици
Следна статија
Шуто Оризари ќе добие спортска сала

Општина Центар со прашања до владата за најавениот хотел во Градскиот парк

Објавено на 18.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Најавите за изградба на хотел со огромен габарит на местото на бараките на Град Скопје деновиве непрекинато добиваат на актуелност. Општина Центар денеска постави неколку прашања до Министерството за транспорт и врски во однос на новиот „Кинески ѕид“ што ќе го запоседне Градскиот парк. Од локалната самоуправа прашуваат дали владата ја предвидела изградбата на огромниот хотелски комплекс, колкава е неговата висина, како може хотелски комплекс да се назначи како објект од посебен интерес, како и кој е субјектот што ќе профитира од криминалното узурпирање на земјиштето во оваа општина.

 

 

 

Општина Центар денеска објави дел од донесената Одлука за утврдување градба од посебен интерес, која е објавена во Службен весник на Р.М. на 27 јули 2015 година. „Уште еднаш порачуваме дека ваквата градба нема да се дозволи и ќе направиме сè да ја спречиме нејзината изградба. Го повикуваме министерството во најкус можен рок да ја преиспита оваа одлука и итно да направи промени и на висината и на видот на градба предвидена во Градски парк. Апелираме и до граѓаните, но и до стручната јавност да се спротистават на ваквата намера на власта“, се истакнува во соопштението на Општина Центар.

 

Од Министерството за транспорт и врски денеска ги демантираа тврдењата на градоначалникот Андреј Жерновски дека ќе се гради објект во висина од 100 метри на местото на бараките каде што се наоѓа Град Скопје. „Уште еднаш тој ги изманипулира и жителите на Центар и невладините организации со изградбата на објект со висина од 100 метри. Документот кој денеска го посочија од општина Центар е достапен за сите граѓани, но во ниту еден дел од посочениот документ не се наведува изградба на објект со висина од 100 метри како што посочуваат од Општината“, порачуваат од ова министерство.

 

Тие додаваат дека градоначалникот Жерновски треба јавно да го објави конкретниот документ од Владата или од министерството со кој ќе се потврдат неговите шпекулации за изградба на објект со висина од 100 метри.