Општина Варна и Комората на архитекти на Бугарија ги покануваат македонските архитекти да учествуваат на Конкурсот за избор на идејно решение за новата регионална библиотека во Варна. Објектот ќе претставува прва јавна библиотека во Бугарија изградена по пауза од 30 години. Смелите архитектонски трудови треба да го разрешат проблемот со недостиг на адекватен простор за библиотеката стара 130 години, со вредна колекција од преку 860.000 библиотечни единици. „Новото здание цели да ја смести библиотеката под еден покрив, да обезбеди пријатен работен процес и истовремено да создаде нов, примамлив јавен простор во центарот на Варна“, се наведува во публикуваниот Конкурс испратен до редакцијата на „Билд“.
Натпреварот се стреми да избере идеја што ќе прикаже современ однос кон книгите, објект што ќе одговори на главната порака: „Ние сме модерна, отворена и пријателска установа. Дојдете да го поминете слободното време со нас“. Конкурсот е отворен за сите автори и тимови, кои треба да ги достават своите трудови најдоцна до 9 ноември. Прворангираниот труд ќе се стекне со награда во парична вредност од 20.000 лева, додека второ и третонаградениот труд ќе добијат по 10.000 лева.
За квалитетот на пристигнатите проекти ќе одлучува меѓународно архитектонски жири во состав: Trine Berthold (Данска), Matja Bevk и Vasa Perovic (Словенија), Petr Lee (Република Чешка), Kaloyan Erevinov (Бугарија), претставници од Општина Варна и од Комората на архитекти на Бугарија.