Претходна статија
Започна изградбата на трговски центар на „Тинекс“ во Прилеп
Следна статија
Два нови кружни тека се градат на булеварот „Туристичка“ во Охрид

Плоштад Слобода: Стоп за новите градби во Дебар Маало

Објавено на 09.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Невладината организација „Плоштад Слобода“ денеска побара од градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски да ја спречи претстојната градежна експанзија и уништување на зеленилото во скопската населба Дебар Маало. Особено незадоволство од невладиниот сектор предизвикуваат проектите за изградба на 55-метри висока зграда на местото на бараките во кои е сместена општина Центар, но и замената на постоечките бараки на АДСДП со две нови згради високи по 18 метри. Од „Плоштад Слобода“ стравуваат дека на овие локации може да никнат нови „барокни“ зданија“, кои во моментов се градат насекаде низ централното градско подрачје.

 

 

 

„Дел од овие парцели и решенија од ДУП-от се стари, како на пример 55-метарската кула на општина Центар. Но тоа не значи дека стекнатото право да гради кое го стекнала општина Центар под раководство на Жерновски, дека од тоа право не може да се откаже“, посочува Никола Наумовски од „Плоштад Слобода“. Од организацијата реагираат и на изградбата на две петкатни згради на местото на бараките на АДСДП, за кои владата на крајот од јули годинава донела одлука дека се „згради од посебен интерес“. За активистите од „Плоштад Слобода“ е несфатливо како може згради наменети за семејно домување да се од посебен интерес, кога таа квалификација можат да ја добијат единствено објектите на јавни институции.

 

Од „Плоштад Слобода“ разбираат дека општина Центар е изложена на константен притисок од централната власт, но и понатаму бараат внимание од локалните власти за сето она што се служува во центарот на Скопје. „Законите постојано се менуваат и ингеренциите на општина Центар се повеќе се одземаат и извртуваат и ние имаме комплетно разбирање за тоа, меѓутоа, општината и градоначалникот сè уште имаат институционални механизми за успорување или закочување на процесот“, посочува Ивана Драгшиќ. Од „Плоштад Слобода“ ги покануваат сите граѓани на населбата Дебар Маало да се појават на јавната анкета за ДУП-от за Дебар Маало 1 и 2, која трае до петок. Токму на јавната анкета тие ќе можат да ги искажат своите предлози и забелешки за овој урбанистички план.

 

Од општина Центар денеска посочија дека оспорените згради од невладините активисти се преземени од претходниот ДУП за оваа скопска населба. Тие велат дека немаат законски ингеренции за намалување на катноста на овие објекти.