Италијанската компанија „Дијатек“ денеска ја отвори својата фабрика „Макдиа“ во ТИРЗ Скопје, инвестиција во висина од околу 10 милиони евра. Во погонот во моментов се вработени 35 лица, а се очекува во претстојниот период бројката да се зголеми на вкупно 200 лица. „Макдиа“ е предвидено да извезува производи од печатната и текстилната индустрија, при што најголем дел од производството ќе биде наменето за извоз на пазарите во Источна Европа, Турција, арапските земји и северниот дел од Африка. Договорот за изградба на производствениот погон во индустриската зона во Бунарџик беше потпишан во март годинава.
На денешното свечено отворање на фабриката присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, италијанскиот амбасадор во земјава Масимо Белели и сопственикот на „Дијатек“ Диего Мосна. Најновата италијанска инвестиција во земјава претставува седма по ред фабрика што е изградена во ТИРЗ Скопје.