По речиси еден месец дополнителна работа, БИРН стигна до дополнителна документација за досега непресметани трошоци од владиниот проект „Скопје 2014“. Со најновите податоци од проектот „Скопје 2014 под лупа“, вкупната вредност на издвоените средства за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други објекти ја достигна вредноста од над 600 милиони евра. Од неговото зачнување до денешен ден, во централното градско подрачје се истурени финансиски средства за 133 објекти, меѓу кои се 24 згради, 34 споменици, 39 скулптури, пет плоштади, четири мостови и бројни други градби.
Од БИРН посочуваат дека ќе продолжат да ја надополнуваат базата на податоци за проектот „Скопје 2014“ со новите објекти што допрва ќе се изведуваат, или пак, за оние што се наоѓаат во фаза на реализација. Дел од она што не е започнато од постоечката владејачка гарнитура, но и не е влезено во вкупната сума објавена од БИРН, се двата нови објекти во рамки на Универзитетскиот кампус на УКИМ, новиот објект на Народна банка до зградата на Министерството за надворешни работи, идната зграда на АДСДП кај објектот на Македонска опера и балет, спомен – обележјето на Мајка Тереза, како и десетиците фасади кои ќе мора да го променат својот изглед во наредниот период.