Претходна статија
Скопски „Бетон“ со раст на добивката од 10,64%
Следна статија
Отворен нов трговски центар во Гостивар

Дивоградбите крај езерата и реките – жежок костен за партиите

Објавено на 27.08.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По донесувањето на законските измени за легализација на дивоградбите крај езерата и речните корита од Собранието на Р.М., водечките политички партии денеска со спротиставени ставови на оваа тема. Од опозициската партија СДСМ обвинуваат дека вчерашниот потег на власта ќе предизвика големи штети врз природните богатства, но и ќе создаде урбанистички хаос од причина што легализацијата ќе ги прескокне локалните самоуправи и Министерството за животна средина и просторно планирање. „Објектите ќе бидат легализирани и ќе бидат запишани во имотните листови со право на сопственост. Но нема да бидат вклопени во планската документација. За нив нема да биде формирана градежна парцела“, вели Благој Бочварски од Комисијата за транспорт и врски на СДСМ.

 

Од опозициската партија предупредуваат дека е можно да се закочи развојот на цели региони околу езерата. Ако дивоизградените објекти не влезат во урбанистичките планови, тогаш во реоните во кои се наоѓаат нема да биде можно да се градат водоводи, канализации, улици и патишта. Како одговор на ова, од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека со измените на Законот за постапување со бесправно изградените објекти ќе се решат сопственичките права на многу граѓани од земјава.

 

Од владејачката партија во денешното соопштение истакнуваат дека општините ќе учествуваат во реализација на проектот. „Пратениците од СДСМ не присуствуваа на работата на собраниските комисии па и на седниците, па и оттаму не се информирани дека со овој закон ќе имаат можност да легализираат објекти само тие што претходно имале поднесено барање во општините и за кои постапката ја спроведуваат самите општини. Притоа покрај природните езера ќе се легализираат само индивидуалните куќи за домување кои постојат веќе педесетина години, а не и другите видови на објекти кои се наоѓаат во овие подрачја“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.