Премиерот Никола Груевски и сопственикот на компанија „Техникал Текстајлс“ Јинс Вандланд денеска ја отворија новата фабрика на овој германски производител во ТИРЗ Штип. Во технолошко – индустриската зона во овој град во иднина ќе се произведуваат повеќе компоненти на фиберглас, кој има широка примена во градежната, авионската и автомобилската индустрија. Во индустрискиот капацитет кој има површина од 13.000 метри квадратни се вложени околу 15 милиони евра и во него веќе работат 100 луѓе, а во наредниот период треба да се отворат нови 1.000 работни места. Германската инвестиција е втора по ред во ТИРЗ Штип, по онаа на „Џонсон Контролс“.
* Извор на фотографија: Влада на Р.М.
Сопственикот на „Техникал Текстајлс“ Јинс Вандланд напомена дека новата фабрика започнале да ја градат минатата година и дека во рок од 14 месеци целосно е завршена. „Нашиот делокруг на работа се состои во производство на технички текстил од фиберглас влакна, кој често се користи во повеќе области како фасадната изолација за ветерници, бродската индустрија и други сектори“, истакна Вандланд.