Врнежливото време не спречи околу 200 граѓани да излезат на протест против изградбата на Панорамското тркало. Од скопскиот плоштад „Македонија“ тие испратија порака дека мора да се прекине со натамошната изградба на владиниот проект „Скопје 2014“. Сања Михајловиќ од граѓанската иницијатива „Скопје не е Дизниленд“ порача дека ситуацијата со неконтролираното издигнување на нови објекти станува алармантна. „Продолжуваат да се градат контроверзни зданија и споменици без никаква јавна дебата и консултација со жителите на овој град, односно со наши пари, со наши даноци, со заеми во наше име“, истакна Сања Михајловиќ.
На настанот се обрати и активист од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“, кој посочи дека го поддржува барањето за прекинување на проектот „Скопје 2014“. Наспроти индолентниот однос од власта, граѓаните денеска се испробаа во организирање на собрание, на кое секој можеше да го искаже своето мислење за натамошното дејствување на граѓанската иницијатива „Скопје не е Дизниленд“. Беа дадени предлози за организирање на поголем протестен собир во претстојниот период, но и за осмислување на алтернативни решенија на актуелните проекти од „Скопје 2014“ што ги гради централната власт и Градот Скопје.
Текст, фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk