Општина Гевгелија доцни со изградбата на новиот пазар во градот. Жителите не можат да ги користат услугите на овој објект, и покрај првичното ветување дека истиот ќе биде целосно подигнат до крајот на 2014 година. Првата фаза од изградбата на пазарот не е докрај завршена. Од локалната самоуправа дури деновиве го објавија огласот за пронаоѓање на градежна компанија што ќе ја изведува втората етапа од проектот, која вклучува изградба на дуќани и административен објект во рамки на пазарот.
Според Извештајот за работа на градоначалникот на Гевгелија за минатата година, општината во 2014 година работела на реализација на првата фаза од проектот, при што прогнозата е дека изведбените работи на пазарот ќе завршат до крајот на 2015 година. Сепак, во објавениот тендер од пред неколку дена се најавува дека за втората фаза ќе се потпише договор во времетраење од 12 месеци. За изведба на дуќаните и административниот објект е проценето дека ќе бидат потребни околу 190.000 евра.
За досегашните градежни работи досега беа потрошени 68.241.598 денари, односно над 1,1 милиони евра. Скопската фирма „Бауер БГ“ има за задача да ги изгради трите блока од објектот со површина од 5.888 метри квадратни, заедно со планираниот паркинг простор, пристапните патеки и просторот за одлагање на отпадот. Реализацијата на новиот градски пазар во Гевгелија започна кон крајот на декември 2012 година.