Втор по ред тендер со проценета вредност од над 170 милиони денари (2,8 милиони евра без вклучен ДДВ) за довршување на изградбата на „класицистичката“ административна зграда на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), лоцирана спроти хотелот „Бристол“ во Скопје. ЕЛЕМ повторно бара градежна компанија за доградба на нивниот нов објект од проектот „Скопје 2014“, откако пропадна првиот оглас за оваа намена. Претстојните градежни и градежно – занаетчиски работи ќе се реализираат во временски период од шест месеци. Фирмите од градежниот сектор треба да ги достават своите понуди најдоцна до 2 септември, за кога е предвидено и јавното отворање на понудите.
Според досегашните пресметки, новиот административен објект на ЕЛЕМ ќе чини над 17,4 милиони евра. За опремување на канцеларискиот простор од 9.130 метри квадратни ќе треба да се одвојат дополнителни финансиски средства. Зградата со приземје, осум ката и поткровје е доведена на ниво на карабина, а во моментов се изведува фасадата и се поставуваат прозорците. Овој сегмент од проектот „Скопје 2014“ е дело на авторите Лазар Димов, Жарко Чаушевски и Стефан Смилевски.
Проектната документација за објектот ја изработи „Неимар Инженеринг“, додека надзорот над градежните работи го врши Градежниот институт „Македонија“. Досегашен изведувач на зданието беше австриски „Штрабаг АГ“. Административната зграда на ЕЛЕМ се гради на местото на некогашниот парк, за чие уништување жестоко реагираа станарите од соседните згради преку организирање на протести.
Текст, фото: Бојан Блажевски