Започна реконструкцијата на коловозот на булеварот Јане Сандански во општина Аеродром, на потегот од катната гаража „Илинден“ до крстосницата со улицата Васко Карангелевски. Планирано е да се отстрани оштетениот асфалтен слој, да се нивелираат 37 шахти и сливници, да се заменат оштетените рабници, на местата каде што ќе се јави потреба да се обнови и носечкиот слој, по што на коловозот ќе се нанесе нов асфалтен слој „Сплит Мастикс“ од еруптивно потекло, на површина од околу 9.000 квадратни метри. Од Град Скопје велат дека должината на делницата која се реконструира е 475 метри. Како дел од проектот ќе се обнови и дел од велосипедската патека од двете страни на булеварот.
Инвестицијата е во висина од 17,2 милиони денари (280 илјади евра), инвеститор е Градот Скопје, а градежните работи ги изведува македонскиот огранок на косовската фирма „Ескаватори“ од Урошевац. Овој зафат е продолжување на проектот за реконструкција на булеварот Јане Сандански што Градот го реализираше во 2012 година, кога беше поставен нов асфалт на сегментот од крстосницата со булеварот Србија до крстосницата кај катната гаража „Илинден“.