Претходна статија
Почина првиот македонски архитект - урбанист Љубе Пота
Следна статија
Наскоро реконструкција на улицата „Тодор Александров“ на Водно

Леарницата во Пробиштип ќе се градела по светски стандарди

Објавено на 31.07.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Руската компанија „Кранфилд Фаундри“ тврди дека изградбата на леарницата во Пробиштип нема да има никакви негативни влијанија врз животната средина. На прес – конференција, инвеститорот денеска посочи дека во процесот на производство на челик и челични производи ќе се задоволат сите еколошки стандарди што ги бара македонското и европското законодавство. „Во леарницата ќе користиме најмодерна технологија, еколошки чиста технологија која е достапна во современиот свет“, истакна Дариус Џуба, главен извршен директор на „Кранфилд Фаундри“.

 

 

 

Инвеститорот во објектот од тешката индустрија посочува дека проектната документација и изградбата на леарницата ќе ја врши холандската компанија „Гемко“, при што во издигнувањето на леарницата тесно ќе се соработува со германски „Ото Јункер“ и данската компанија „Диса“, кои претставуваат специјализирани изведувачи на вакви објекти во светот. Во планираната леарница во Пробиштип ќе се инвестираат 15 милиони евра, а во производствениот процес ќе се ангажираат 280 работници.

 

Во меѓувреме, планот за изградба на овој индустриски капацитет постана предмет на расправа и во Собранието на Р.М. На денешната седница наменета за поставување на пратенички прашања, Лилјана Поповска од ДОМ постави прашање поврзано со изградбата на новата леарница. „Каква е таа „зелена технологија за топење отпадно железо на 1 километар од Пробиштип? Тоа е дезинформација за граѓаните, зашто се нудат 280 вработувања како замена за здравјето на цел еден град! Нема тешка индустрија што е зелена, напротив, секоја тешка индустрија се води како загадувачка индустрија. Нема светска пракса за отворање нови индустриски зони за тешка индустрија во градовите“, истакна пратеничката Лилјана Поповска.

 

 

Бојан Блажевски