Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко влегува со нова инвестиција во земјава. Во скопската населба Хиподром ќе гради фудбалски тренинг – центар со површина од околу 32.000 метри квадратни, на локација веднаш до спортско – рекреативниот центар „Хиподром“. Во постапка за воспоставување на јавно – приватно партнерство на која пристигнала единствено понудата од АД „Ракометен клуб Вардар“, општина Гази Баба го избра идниот концесионер на спортскиот комплекс за наредните 35 години. Инвеститорот од Русија е треба да вложи 251.077.670 денари (4 милиони евра).
Тренинг – центарот во Хиподром претставува трета поголема инвестиција во спортот на бизнисменот Самсоненко, и тоа по реализацијата на проектот за нова спортска сала „Јане Сандански“ во Аеродром и најавата за изградба на фудбалска Академија во Градскиот парк во Скопје. Плановите се во скопски Хиподром да се изведат две игралишта и мултифункционален објект со разни содржини. Општина Гази Баба го распиша јавниот повик за овој спортски комплекс на почетокот од јуни годинава.
Бојан Блажевски