Изготвен е идејниот проект за новиот ургентен центар во Куманово, а периодов се работи на основниот проект за објектот. „Објектот ќе се состои од приземје и кат со површина од околу 600 метри квадратни и ќе се гради до местото каде што се наоѓаат постојните ургентни амбуланти на интернистичкиот оддел, така што овие објекти ќе се поврзат и ќе се добие една целина на нов Ургентен центар“, информираше денеска министерот за здравство Никола Тодоров.
Во новата зграда се предвидени итна хируршка амбуланта, соба за дневна болница, ортопедска амбуланта, уролошка амбуланта, анестезиолошка амбуланта и други простории. Во реализација на проектот ќе се вложат над 40 милиони денари, од кои 20 милиони денари се предвидени за градежните активности и исто толку за набавка на медицинска опрема. Новиот ургентен центар во Куманово е предвидено да биде ставен во функција до крајот на 2016 година.