Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот на општина Бутел Петре Латиновски денеска го поставија камен – темелникот на новата детска градинка во скопската населба Радишани. Објектот ќе се гради во дворот на старата градинка „Ташко Караџа“, на вториот влез во населбата, на улицата „Амди Демир“. Градинката ќе се простира на површина од преку 450 метри квадратни, со пет занимални со капацитет за згрижување на 120 деца, магацин, административен простор и директен надворешен пристап.
* Извор на фотографија: Министерство за труд и социјална политика
Проектот треба да се реализира во рок од шест месеци. За изведувач на градежните работи е избрана фирмата „Мега Скоп“ од Скопје. Во новата детска градинка ќе се инвестираат 11 милиони денари од буџетот на општина Бутел, додека надлежното министерство ќе вложи дополнителни финансиски средства за опремување на објектот.