Скопската улица Јордан Мијалков (поранешна улица Железничка), која во изминатиов период се прошируваше и реконструираше на потегот од крстосницата со улицата Герман до пред крстосницата со улицата Павел Шатев, денеска беше свечено отворена за сообраќај од страна на премиерот Никола Груевски и градоначалникот Коце Трајановски. Должината на опфатениот сегмент изнесува околу 550 метри. Сообраќајница сега има три коловозни ленти со ширина од по 3,25 метри (претходно имаше три коловозни ленти широки по 3 метри, од кои едната се користеше за паркирање), но и сервисна коловозна лента со паркинг, со широчина од 6 метри и со должина од 200 метри. Од едната страна е изведен нов тротоар, поплочен со бехатон плочки.
Реконструкцијата беше искористена за да се постави нова атмосферска канализација, а се изврши и реконструкција на постојната водоводна (Ф-200) и фекална (Ф-300) мрежа. Осветлувањето се состои од 19 столбови на кои се поставени 32 натриумови светилки. На осветлувањето работеа екипите на фирмата „Дигитал“ од Струмица, а Градот Скопје за оваа намена потроши околу 2 милиони денари. Самите градежни работи на улицата ги изведе градежната компанија „Пелагонија“ од Гостивар, за што ѝ беа исплатени 43 милиони денари. Реализацијата на проектот доцнеше повеќе од половина година.