Триесет идни архитекти од Македонија и од странство учествуваат на Меѓународната летна школа за студенти по архитектура, која што по 24-ти пат се одржува во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“. Темата на годинешната сесија е „Изблик на чиста архитектура во планините“, а гостин – тутор е реномираниот светски архитект Питер Вилсон. Организатор на традиционалниот настан е Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На настанот учествуваат и други ментори од земјава и од странство, заедно со студентите по архитектура.
* Извор на фотографија: Архитектонски факултет
Од нејзиното основање пред 24 години до денес, на Меѓународната летна школа за студенти по архитектура учествувале тутори и студенти од 40 земји од речиси сите континенти. Меѓу позначајните учесници на школата се и меѓународно признаените архитекти Сами Ринтала од Норвешка, Хан Тумертекин од Турција, Елија Зенгелис од Грција, Александар Бродски од Русија и други.