ЈСП-Скопје и приватните автобуски превозници во главниот град од 1 јануари 2016 година ќе добиваат по едно евро за секој изминат километар од Градот Скопје. Од овој датум ќе започне да функционира новиот систем за електронска наплата на билетите, системот за автоматско следење на возилата и воведувањето на единствена цена кај сите градски превозници. Советот на град Скопје на денешната седница ја поддржа Предлог – одлуката за линиски превоз на патници во Град Скопје и Предлог – одлуката за утврдување на привремена вредност на надоместокот за извршени услуги во линискиот превоз на патници, по критериумот – изминат километар.
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски објасни дека новините во јавниот превоз се овозможени со новиот систем вреден три милиони евра. Според неговите зборови, со ваквата одлука целосно ќе се реши недефинираната состојба со приватните превозници. Станува збор за целосно нов систем, кој вклучува користење на единствен електронски билет на граѓаните за сите автобуски линии и превозници во Скопје. Градската власт ќе ги собира финансиските приливи од овие билети, по што е предвидена нивна прераспределба на превозниците по критериумот – изминат километар. Со системот за автоматска локација на возилата ќе се знае точно кој автобус колку извозел, врз чија основа ќе се врши префрлањето на финансиски средства до превозниците.
Со денешната одлука на градскиот совет ќе се воведе единствен систем на линии во јавниот превоз, идентична цена за превоз со сите превозници, можност за преседнување на патниците од еден во друг автобус и опција за користење на само една картичка која патникот ќе ја надополнува по сопствена потреба. За ваквата одлука на Советот на град Скопје не гласаа советниците од опозициската партија СДСМ. Советникот Драги Давчевски од СДСМ информираше дека ќе гласаат воздржано затоа што многу работи се нејасни и тешко е да се очекува дека ќе бидат спроведени. „Ние апострофиравме делови од одлуката за кои сметавме дека се потребни измени и дополнувања, но очигледно предлагачот не беше расположен за такво нешто. Ние не сме против одлуката, но во ваква форма не ја поддржуваме“, истакна советникот Давчевски.
Системот за автоматска локација и електронскиот систем за наплата ќе биде инсталиран во 500 автобуси, од кои 384 автобуси се во сопственост на ЈСП-Скопје. Зделката вредна три милиони евра ја имплементира компанијата „Т-Мобиле“.