Кинеската компанија „CSR Corporation Ltd“ целосно го изработи првиот воз за потребите на Македонски железници – Транспорт, кој следниот месец ќе биде испорачан во земјава. Станува збор за електромоторна гарнитура, оспособена за сообраќај на електрифицираната железничка пруга од Табановце до Гевгелија. Возот денеска беше промовиран во фабриката на компанијата пред македонската делегација, предводена од министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски. Гарнитурата со три вагони има капацитет да прими 200 патници, а максималната брзина на нејзино движење изнесува 160 километри на час.
Според денеска изнесените информации од кинескиот произведувач, МЖ-Транспорт ќе ги добие планираните шест моторни гарнитури постепено во претстојните месеци, така што последниот воз треба да пристигне најдоцна до јануари 2016 година. Вкупниот капацитет на новиот возен парк изнесува 1.200 патници, со што новите возови ќе покријат 60% од линиите што ги одржува државната компанија. Директорот на МЖ-Транспорт Никола Костов ветува подобрување на условите за патување со воз во наредниот период со пристигнување на новите возови. „Ќе сообраќаат на линиите Гевгелија – Скопје и Скопје – Битола, а ќе воведеме и нови деловни возови на релациите Тетово – Скопје, Куманово – Скопје и Велес – Скопје“, вели првиот човек на МЖ-Транспорт.
Кинеските возови што наскоро ќе пристигнат во нашата земја ги задоволуваат сите европски стандарди за безбедност, но и ги поседуваат предностите на гарнитурите што сообраќаат во развиените земји. Овие возови ќе бидат климатизирани, опремени со вакуум тоалети, ќе овозможат превоз на лица со ограничена мобилност и ќе ги задоволат најстрогите мерки за енергетска ефикасност. И покрај тоа што ќе пристигнат следниот месец, новите патнички гарнитури пред да се стават во функција ќе мора да се тестираат на македонските пруги. Машиновозачите е предвидено да се обучат за управување со новите гарнитури, додека сервисниот персонал на државната компанија ќе треба да стекне вештини за нивно непречено одржување. Истовремено, скопското депо „Лисиче“ е неопходно да се реновира во насока на квалитетно сервисирање на новите возови.
Висината на целокупната инвестиција во овие шест патнички гарнитури изнесува 25 милиони евра. Овие финансиски средства се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој, која го финансира и купувањето на нови 150 товарни вагони и реновирањето на дел од постоечкиот возен парк на МЖ-Транспорт.
Бојан Блажевски