Претходна статија
Првиот кинески воз ќе пристигне во август, вклучување во сообраќај за неколку месеци
Следна статија
Од 1 јануари нов систем за наплата на билети во скопскиот јавен превоз

Владата одлучна да гради катна гаража кај НИП „Нова Македонија“

Објавено на 07.07.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

И покрај тоа што општина Центар се откажа од нејзината изградба, „барокната“ катна гаража кај зградата на некогашна НИП „Нова Македонија“ [»мапа] сепак ќе се гради, но од страна на приватен инвеститор. Министерството за транспорт и врски распиша оглас за продажба на парцелата со површина од 1.465 метри квадратни, на која е предвидено да се издигне катната гаража. „Најповолниот понудувач е должен фасадното обликување на објектот да го изработи во еден од стиловите на барок, класицизам, неокласицизам, романтизам и неоромантизам. Пред издавање на одобрение за градење, потребно е комисија формирана од страна на министерот за транспорт и врски да ја одобри фазата архитектура од основниот проект“, се наведува во распишаниот оглас.

 

 

 

Почетната цена на атрактивното градежно земјиште изнесува 1.843 денари за метар квадратен. Заинтересираните инвеститори треба да ги достават своите пријави за учество на електронското јавно наддавање најдоцна до 5 август, додека најавената лицитација ќе се одржи на 11 август. Во Деталниот урбанистички план на оваа локација е вметната маркичка за изведба на објект со седум надземни и едно подземно ниво со површина од 8.438 метри квадратни. Максималната дозволена висина до венец изнесува 29 метри.

 

Општина Центар во јануари годинава се откажа од изградбата на „барокната“ катна гаража кај некогашна НИП „Нова Македонија“. Наместо инвестирање на општински средства во овој проект, локалната самоуправа се одлучи да ги вложи во изградба на ново основно училиште во населбата Капиштец. Оваа скопска општина не е во можност да раководи со управувањето на градежното земјиште на нејзина територија, иако веќе ги исполни сите неопходни процедури за префрлање на ингеренциите од централно на локално ниво.

 

 

 

Бојан Блажевски