Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски денеска изврши увид во изградбата на новата детска градинка во скопската населба Капиштец. За прв пат по 40 години, на територијата на оваа општина се гради нова детска градинка, која воедно ќе претставува и најголем објект од ваков тип на територијата на целата земја. „Ова е прва градинка во државата која се гради со општински пари. Ова е градинка со која ќе се гордееме. Во неа се вградени најсовремени материјали. Градинката ќе има енергетски ефикасна фасада со тројна термичка заштита. За прв пат во Македонија, во образовна институција се поставува ваков кровен противпожарен панел кој издржува до 180 минути. Подовите се антиалергени, антибактериски и со вградено подно греење. Меѓу просториите ќе има звучна изолација“, истакна Жерновски.
* Извор на фотографии: Општина Центар
Во периодот од октомври минатата година до денес, градежните екипи на „Гранит“ ја изведоа карабината, а во моментов се реализираат работи во внатрешноста на зградата. Во новата градинка децата ќе можат да се вселат на есен. Објектот има бруто површина од 3.560 метри квадратни и нето површина од 2.742 метри квадратни. За подготовка на оброци за дечињата ќе се изведе современа кујна според ХАСАП стандардите, а во дворот на градинката ќе бидат засадени 40 нови дрвја.
Општина Центар вложува 112 милиони денари (1,8 милиони евра) за изградба на новата детска градинка во Капиштец. Објектот се гради на локација на старите бараки на градинката „Кочо Рацин“ [»мапа], кои датираат од периодот непосредно по скопскиот земјотрес од 1963 година.