Министерството за култура веќе втор ден не сака да даде подетални информации околу изградбата на спомен – обележјето на Мајка Тереза на централниот плоштад „Македонија“ во Скопје. „Билд“ се обиде да добие одговори на неколку прашања, но оттаму наидовме на молк. И покрај тоа што се наоѓа во строгиот центар на главниот град, македонската јавност сè уште ја нема можноста да види фотографии и рендери од изготвеното идејно решение на авторите Валентина Стефановска и Кирил Мукаетов. Единствената информација што досега се знае е дека првичната проценета вредност на спомен – обележјето на Мајка Тереза изнесува над 316 милиони денари, односно 5,1 милиони евра без вклучен ДДВ.
* Наместо индиецот Субрата Рој, владата ќе го гради споменикот на Мајка Тереза
Спомен – обележјето ќе се гради на парцела од 621 метри квадратни, која во моментов претставува јавен простор што служи како пешачки коридор и на кој растат последните преживеани дрвја на потегот околу плоштадот „Македонија“. Министерството за култура треба да го избере изведувачот на градежните работи во текот на летните месеци, а 30 јули е определен како краен рок за доставување на понуди од заинтересираните компании.
Како по обичај, македонската влада молчи околу реализацијата на проектот „Скопје 2014“, кој во изминативе неколку години самата го промовираше, финансираше и издигна во централното градско подрачје. Оттука, се одлучивме да ги објавиме прашањата на кои не добивме одговор од Министерството за култура како надлежно за изведба на спомен – обележјето на Мајка Тереза.
Поставени беа следните прашања:
1. Македонската јавност досега нема видено рендер, фотографија или друга форма на визуелизација од идното спомен – обележје на Мајка Тереза. Дали би можеле да ни доставите било каква визуелизација за нејзино споделување со јавноста?
2. Колкава ќе биде висината и ширината на идното здание во спомен на Мајка Тереза?
3. Можете ли да ни дадете детален опис на планираното спомен – обележје на Мајка Тереза, елементите од кои ќе се состои скулптуралната композиција?
4. Со изведбата на ова спомен – обележје на Мајка Тереза ќе се затвори еден од пешачките коридори исток – запад на Плоштад „Македонија“. Кое урбанистичко решение е подготвено за надминување на проблемот со идниот проток на пешаци на централниот плоштад?
» Форумска дискусија за овој проект
Бојан Блажевски