Македонски железници – Инфраструктура бара проектантска фирма што во наредните 24 месеци ќе изврши ревизија на основниот проект за пругата од Кичево до границата со Република Албанија. Проценките говорат дека за услугата, државната компанија ќе исплати околу 25 милиони денари. Изборот на најповолен понудувач ќе се изврши по поднесувањето на понудите од заинтересираните компании во периодот до 4 август.
Во меѓувреме, конзорциумот составен од француската компанија „Луи Берже“ и шпанската „Типса“ го изготвува изведбениот проект и дизајнот за изградба на железничката делница од Кичево до албанската граница. Во претходната фаза, бугарската компанија „Евротранспроект“ ја изработи прелиминарната студија, во чии рамки беше избрана трасата во должина од 62,5 километри која минува низ селата Брждани, Сливово, Издеглавје, Мешеишта и Струга. Оваа едноколосечна пруга, вклучувајќи ја и нејзината електрификација, е предвидено да се изгради најдоцна до 2022 година.