Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија, донира уште еден споменик за центарот на Скопје. Според информациите на интернет – порталот „А1он“, обележјето ќе се постави на Кејот „13 Ноември“, во близина на хотелот „Холидеј Ин“. Пред да започне неговата изведба, советниците од Советот на Град Скопје на следната седница ќе треба да ја изгласаат одлуката за негово подигање, чување, одржување, заштита и користење. Ова непознато здружение ќе ги покрие трошоците за подигање на спомен – обележјето, додека Градот Скопје ќе го финансира неговото, чување, одржување и заштита. Споменикот претставува скулптурална композиција изработена од бронза, која треба да биде поставена на постамент со основа од 3х7 метри и висок 1,5 метри. Авторот не е обелоденет, ниту пак се споменува изворот на финансирање и вкупната сума што мистериозното здружение ќе ја одвои за оваа намена.