Претходна статија
Заврши реставрацијата и конзервацијата на Исхакија џамија во Битола
Следна статија
„На Точак“ ќе вози за нови велосипедски паркинзи во Скопје

Еколошките организации со петиција за спас на Охридското езеро

Објавено на 22.06.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Туристичката зона во Љубаништа, скијачкиот центар на Галичица, станбените згради и хотелите во Студенчишко блато и новиот пат од Охрид до Свети Наум се големите проекти кои се закануваат со уништување на Охридското езеро и на Националниот парк „Галичица“. Невладините организации и еколошките здруженија објавија меѓународна петиција за зачувување на езерото и на националниот парк од најавената градежна експанзија. „Охридското езеро опстанало милиони години и било сведок на многу нешта, од создавањето на човековата раса и првите цивилизации, преку подемот и падот на византиската империја до независноста на Македонија, но најновите апсурдни планови на македонската влада може да донесат крај за овој редок бисер на природата и за блискиот национален парк“, се наведува во дописот објавен од иницијаторите на петицијата.

 

 

 

Меѓународната петиција досега ја поддржаа Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42, Здружението за заштита на животните и на животната средина ЕДЕН, Здружението за унапредување на меѓусебна доверба ТАКТ и граѓанската иницијатива Ohrid SOS. Револтот на екологистите и на граѓанските активисти е насочен против најновите планови на македонската влада за промени на Планот за управување со Националниот парк „Галичица“, како и на урбанистичките планови во Охрид и долж брегот на Охридското езеро.

 

Меѓу најавените градителски проекти, особено проблематична е изградбата на новиот патен правец во должина од 14 километри од Охрид до Пештани, со продолжение до Свети Наум. За изградбата на овој пат ќе се уништат 50 хектари од заштитеното подрачје во НП „Галичица“. Реакција од екологистите има и кај планот за изградба на туристички развојни зони во Љубаништа, со чија реализација постои опасност да се загрозат изворите во близина на Свети Наум. Истовремено, издигнувањето на луксузна населба на местото на Студенчишко блато може да доведе до загрозување на биодиверзитетот на самото Охридско езеро.

 

Дури 3.300 граѓани се потпишале на меѓународната петиција за спас на Охридското езеро во првите два дена од нејзиното иницирање. Пропратното писмо од самата петиција и собраните потписи ќе бидат испратени до македонскиот премиер Никола Груевски и до охридскиот градоначалник Никола Бакрачески.