Претходна статија
Привршува изградбата на подземната гаража кај МОБ
Следна статија
7 милиони евра ќе се потрошат на нова „барокна“ зграда во Скопје

Експертите бараат модернизација на ТЕ „Осломеј“

Објавено на 10.06.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Енергетичарите од земјава бараат владата да се насочи кон модернизација и осовременување на производството на термоелектраната „Осломеј“. За енергетската стабилност на Македонија е важно да работи овој енергетски капацитет, но резервите на јаглен за неговото непречено функционирање се при крај. Од тие причини, неопходно е да се размисли за увоз на висококалоричен јаглен и да се преадаптираат постоечките котли со што би се задоволиле и пропишаните критериуми од Европските директиви за работењето на ваквите енергетски објекти. Строгите технолошки норми треба да се задоволат најдоцна до 2017 година.

 

Академик Глигор Каневче денеска ги изнесе варијантите за натамошен развој и непречено функционирање на ТЕ „Осломеј“. „Можни се две сценарија за модернизација на термоелектраната од кои за првото треба да се вложат 50 милиони евра за подобрување на постојната опрема, или пак, да се вложат 100 милиони евра за изградба на нова високоефикасна електрана во која ќе се исползува и дел од постојната опрема како што се оџакот, кулата за ладење и турбината“, посочи академик Каневче. Тој истакна дека опцијата за користење на гас е многу поскапа опција, но и дека постоечките искуства од гасните електрани не се многу позитивни.

 

Директорот за развој при Електрани на Македонија, Александар Пауноски наведе дека од државната компанија разгледале пет опции за модернизација на енергетскиот капацитет, при што се утврдило дека е најдобро да се работи со висококвалитетен увозен јаглен. „Ние ги разгледавме и коридорите за транспорт на јаглен и заклучивме дека пристаништето во Солун е главната опција, а Драч резервната. Анализите покажаа дека камионскиот транспорт од пристаништата до термоелектраната е нешто поевтин од железничкиот, но која и да се избере од двете опции не влијае значајно на цената на електричната енергија што ќе се произведува“, посочи Пауновски.

 

Денешната дискусија на експертите од енергетскиот сектор се одржа во рамките на советувањето на тема „Значењето на термоенергетиката на јаглен за енергетските системи на Македонија, со посебен осврт на РЕК Осломеј“, организирано од Здружението на енергетичарите на Македонија и Македонската енергетска асоцијација.